Friday, March 30, 2012

ЧОКОЛАДНИОТ КОЛАЧ


Колку вкусно десертче!
Всушност ова требаше да биде мал колач ... но зашто смесата, ми излезе малку посочна, решив да го направам како сладоледче. И од оваа смеса ми излегоа 4 порции. Мора да го пробате!

Потребни состоjки за филот:
1 чаша ореви
пола чаша меки урми
пола банана
1/4 сурово какао на прав или брашно од рогач
2 супени лажици кокосово масло

За чоколадниот прелив:
50 мл растопено кокосово масло
50 гр сурово какао
сироп од агаве или мед (според вашиот вкус)

Подготовка:
Оревите ги мелиме во кафемелачката, и останатите состојки за филот ги ставаме во пологем сад и ги мешаме со пасатор, или пак се заедно ставаме во блендер, се додека не се добие еднаква и фина смеса. 
А за чоколадниот прелив, најпрво шишенцето (или кутијата) со кокосовото масло, ја ставаме неколку минути во топла вода додека да се опушти, и потоа ги мешаме сите состојки заедно. Можеме со пасаторот, во блендерот или со миксер.
И на крај, во мали и декоративни садчиња ставаме по 3-4 лажици од филот. Одозгора истураме од чоколадниот прелив и ставаме парчиња бананa и ореви за декорација. И ги ставаме околу 10-тина минути во ладилникот за да се зацврстат. 

Богат е на калории, но многу вкусен! И затоа во викенд мора да си го дозволите... Посебно ако сте биле на планина.  :-)



Thursday, March 15, 2012

ЛЕНЕНО ЛЕБЧЕ






Потребни состојки:
1 чаша ленено семе, смелено на брашно
1 чаша хељда, смелена на брашно
1 чаша сончогледови семки (накиснати во вода - еден ден)
1 чаша сусам (пола смелен на брашно)
2-3 чешниња лук, сецкани ситно
1/3 чаша маслиново масло (или конопено, сочогледово, сусамово...)
1-2 с.л. суви зачини (оригано, босилек, мајчина душичка, чубрица)
малку морска или хималајска сол
1/2 вода или колку е потребно...
  

Подготовка:
Прво ги смешуваме сите суви состојќи, го додаваме лукчето, зачините и солта и на крај се додека водата, се додека тестото не стане лепкаво и цврсто. Потоа го ставаме во поголем сад за печење, но пред тоа на садот му ставаме малку масло, за да не ни се залепи лебчето. Се разтегнува на не многу голема дебелина и го ставаме во фурна да се суши на 45 степени, околу 6 часа. Потоа го обраќаме, го сечеме на правоаголници и го оставаме уште малку да се досуши. Доколку сакате може да го поросите со сусам пред да го сушите. 
Овој леб е многу healty зашто е богат со омега 3 масни киселини, ленот ни помага за нормално функционирање на дигестивниот тракт и се доволни две парчиња заедно со убава салата, за да бидете сити!
И нештото што најмногу ми се допаѓа кај овој леб е тоа што додека се суши, целата просторија е исполнета со тооооолку убава арома од зачините, ленот и лукчето. И целата куќа мириса домашно и кулинарски... :-)


Wednesday, March 14, 2012

The Sun. . .


When the sun is hidden behind the clouds, the wind blows stronger. And colder.
Or so we are causing. Because when the sun's warm, and the strongest wind comes enjoyable. Because we are not alone.
Your heart is the Sun for someone.

... this I felt today at the high meadow

14 march 2012 

Доктор Сончева Светлина :-)

Специјалноста на Др. Сончевa Светлина е хелиотерапијата, а големата рецепта му е сончевата енергија. Секоја лоза, дрво, грмушка, цвеќе, плод и зеленчук извлекуваат живот од сончевата  енергија. Сите живи нешта на земјата се зависни од сончевата енергија за самото свое постоење. Ако не беа волшебните зраци на сонцето, оваа земја ќе беше бесплодно и студено место. Сонцето ни дарува светлина и ако таа недостасуваше, немаше да не има нас. На земјата ќе имаше вечна темнина.
Човечките суштества не се дизајнирани да имаат бледа кожа, дури и русите северни раси. Човечката кожа треба да биде со лесен тен од сонцето и да добие потемна нијанса од природната боја на кожата. Пигментацијата е знак дека сончевата енергија е трансформирана во човечката енергија. Кога човекот се насладува на сончевите зраци, рано наутро и касно попладне, може да си обезбеди повеќе здравје, виталност и радост. Луѓето кои се на затворено многу долго, имаат нездрав изглед на кожата. Па од таа причина многу жени ја кријат својата жедна кожа за сонце, со еден тон шминка.   
Човек кој што е лишен од витално важните сончеви здраци, има нездрав вид. Всушност тој умира поради недостатокот на сончевата енергија! Сите слаби, болни и анемични луѓе се жедни за сончева светлина и по мое мислење  -  многу луѓе се болни зашто им недостасува пријатната сончева светлина...
Нежните зраци на сонцето имаат антисептички својства. Кога кожата ги собира тие зраци, таа складира огромни количества енергија која ги уништива бацилите. Сонцето претставува едно од најчудните средтства за лекување за нервозниот човек, кој што е исполнет со анксиозност, безпокојство и немоќ.


Сончевата светлина носи спокојство и опуштање на нервите

Додека се изложувате на топлото сонце, милиони нервни завршетоци ја апсорбираат сочевата енергија и ја трансформираат и чуваат како дополнителна витална сила за вашите нерви и тело.
Направете еден експеримент, за да ја определите вредноста на сончевата светлина во однос на животот и смртта. Најдете убаво и привлечно место на ливадата, каде што тревата е како зелен килим. Покријте мало пространство од ливадата со парче дрво или метал. Ден после ден ќе забележите како прекрасната трева, исполнета со растителна крв, или хлорофил, ќе почне да овенува и да пожолтува. Тогаш настапува трагедијата. Таа  се исушува и умира – смрт од глад за сонце! Истото се случува и во нашите тела без животворните зраци на сонцето. Тоа се случува и кога не успевате да примите големо количество од одгледани плодови и зеленчуци, кои растеле под сонцето.
Директните сончеви зраци треба да паѓаат на нашите тела, а во нашата диета треба да има вклучено 60% или повеќе, растителна храна, која зреела под сонцето. Кога јадеме пресни плодови и зеленчуци, ние ја апсорбираме крвта на растенијата – богатиот, хранителен хлорофил.
Јас лично обожавам да трчам на сонце, и кога убаво ќе се изморам и испотам да легнам во тревата и да се опуштам под небото и сонцето. Тоа толку ме смирува, и ме прави радосна!  И затоа, избирам високи места за трчање, во природата, а не помеѓу бетонските, огромни градски градби. 

Доаѓа пролетта и со неа и постојаноста на сонцето. Шетајте, трчајте, дишете длабоко, појадувајте на вашата тераса... изложувајте се на сонцето. И таа позитивност, ќе ве направи уште поубави, поактивни и поздрави. 

СЕ ШТО ВИ Е ПОТРЕБНО ГО ИМАТЕ ВЕЌЕ ВО ВАС... ИЛИ ОКОЛУ ВАС. 
  ;-) 

Thursday, March 8, 2012

♥ ГОТВЕТЕ СО ЉУБОВ :-)



Дали знаете колку се важни нашите емоции додека ја спремаме храната? Дали знаете колку се важни емоциите и кога дома се грижиме за плодовите и зеленчуците? Сето она што се наоѓа во нас, во нашиот ум и во нашето срце ние го пренесуваме и врз јадењата кои ги подготвуваме и врз плодовите кои ги одгледуваме.
Мислите и чувствата на оној кој готви, силно влијаат врз храната, а потоа дејствуваат и на оној кој ја јаде храната. Доколку чувствувате гнев, страв, вознемиреност, тага... сите тие квалитети се префрлаат и се апсорбираат од тој, кој што ја јаде храната. Затоа само човек кој што ВЕ САКА и е спремен да се посвети целосно за да ја предаде таа љубов и во храната, треба да готви за вас.  ;-)
Но зарем постои нешто поубаво од тоа, луѓето кои ги сакате да ја чувствуваат вашата посветеност и вашата љубов, преку секое залче кое што ќе го вкусат?

Еве неколку УБАВИ совети:
o   Убаво избирајте ги зеленчуците и плодовите.
o   Слушајте пријатна музика додека готвите.
o   Кога јадете целосно посветете се на храната, на нејзините бои, на нејзиниот вкус, мирисот.
o   Не читајте и ИЗГАСНЕТЕ ГО ТЕЛЕВИЗОРОТ!
o   Џвакајте ја убаво храната... барем 50 пати.
o   НЕ ЗБОРУВАЈТЕ. Или може да размените неколку реченици, но за храната што ја јадете.
o   Сервирајте во убави и чисти садови, и нека средината околу вас биде пријатна и топла. Така не само вие, а и вашето стомаче ќе биде задоволно.
o   Помолете се пред јадењето и побарајте преку храната Бог да ви даде сила, радост и енергија.
o   Доколку се чувстувате лошо, депресивно, расеано подобро е воопшто да не јадете. Тоа е многу важно, зашто заедно со храната ги голтате и чувствата кои ги чувствувате.
o   После јадење немојте веднаш да седнувате. Туку раздвижете се и завршете некоја обврска.
o   И не гответе повеќе отколку што можете да изедете. Зашто не е добро да јадете храна која не е свежа. Подобро поделете ја со некого...

И НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ ДА НОСЕТЕ ЉУБОВ И РАДОСТ ВО СРЦЕТО! :-)

Monday, March 5, 2012

Сончогледово кремче


Зимава имав потреба да јадам малку посочни храни и затоа речиси три пати неделно спремав по некој нов рецеп за вакви кремчиња. Многу се вкусни кога се комбинираат со ржан леб кој исто така си го спремаме дома и  мешана салата (зелка, марула, рендан морков, целер, магданоз, копар, краставица, домат, црвена блага пиперка) со маслиново масло и лимон.  


Сушено сурово лебче, крем од сончоглед, со маслинки. 

Состојки:
1 врска копар
1 врска магданоз
1 чаша суров сончоглед, се става во вода да омекне – за неколку часа
½ чаша студено-пресовано масло (маслиново, сончогледово, сусамово, од авокадо...)
Малку морска или хималајска сол
Се блендира или се пасира, се додека не се добие хомогена смеса.
Исто така може да се додаде малку лимонов сок, 2 чешниња лук, 3-4 урми

Маслото е најдобро да го додавате постепено, за да процените дали е за вашиот вкус. Ако стане многу течно додадете уште сончогледови семки, а ако е многу густо – додадете уште малку масло.

SWEET CAROB BREAKFAST !


За подготовка на овој кремаст, сладок и  raw vegan појадок ви се потребни само 10-тина минути. Дури нема никаков шеќер и слаткоста доаѓа од фруктозата на урмите, од  брашното од рогач и ако се одлучите да си додадете мед или агаве. Можете да го спремите и да го носите со вас на работа или додека патувате. Барем јас постојано правам така кога патувам. Сама си ги подготвувам појадоците од дома. 



Состојќи:
½ чаша мусли (тропикал: со овес, јачмен, жито и сушени плодови)
1/3 чаша ореви
2 лажици ленено семе (смелено на брашно), накиснато во вода за 20-30 мин.
2 лажици брашно од рогач
1 лажица мед или сироп од агаве (може и повеќе, зависи колку слатко го сакате)
4  урми (меки и пресни)
малку био ванила
½ чаша вода (или колку ви е потребно)

Подготовка
Овој пат, оревите, лененото семе и муслите ги смелив во кафе мелачка. И потоа сите состојќи ги блендирав во блендер.
Но, исто така можете и сите состојќи да ги ставите заедно во блендер (ако имате многу силен блендер, ќе може да се смелат фино и оревите и муслите), и да блендирате додека не се добие густо пудингче. Ако сакате да е топло, можете малку да ја загреете водата пред да блендирате. Обично кога си подготвувам пудинг ставам само ½ вода, за да биде густичко.
Во овој појадок има се што му е потребно на телото. Фруктоза, јаглехидрати, протеини и здрави масти. 

Нека ви е слатко :-)

П.С. Неколку мали трикчиња:
1. Ако си направите повеќе отколку што можете да изедете сега или нема со кого да си го поделите :-) , слободно ставете го во ладилникот. Овој пудинг, може да стои два-три дена и пак да остане свеж и вкусен. (Сепак не заборавајте дека суровата храна, сепак си останува сурова и непреработена.)
2. Најпрво во блендерот ја ставам водата со урмите и ванилата и ги блендирам, зашто така урмите и убаво ќе се обработат, и целото пудингче ќе биде поблаго. Кога додавам малку парчиња банана, не ставам мед или агаве. Оти со банана и урми е доволно благо.
Ахххх, се вљубив во овој десерт. Одам да си го подтогвам... :-)
Byeeee

Thursday, March 1, 2012

OUR FIRST RAW CAKE


Нешто слатко, многу слатко. Многу вкусно.... мммммммммм.
Оваа торта беше направена еден викенд и и се насладувавме. Никогаш не замислував дека суровата и жива торта, може да биде непроценливо повкусна од сите торти кои досега сум ги пробала во животот. Толку беше вкусна, што ја излапкавме цела за неверојатно брзо време.  :-D



Состојки

За коричката:
½ чаша бадеми
½ чаша индиско кашу
½ чаша ореви
1 чаша урми (да бидат мекички и сочни)
¼ кокосово брашно

Јатките ги мелиме во мелничка за кафе или во блендер, додека не станат како брашно. Потоа во блендерот ги додаваме и урмите и на крај и кокосовото брашно. Доколку сакате можете претходно да ги накиснете јатките во вода, за околу 12 часа...
Тестото се прави со основа и два сантиметри ѕидче одоколу, за да може да се попoлни со филот. Врз тестото се ставаат резанчиња од банана и се залева со филот.

Фил:
3 чаши индиско кашу
¾ чаша лимонов сок
¾ чаша сироп од агаве
¾ чаша кокосово масло
Врв од мала лажичка ванила
½ чаша вода или колку е потребно

Го мелиме кашуто во кафе-мелачката, и ги додаваме сите состојки. Потоа со миксер или пасатор ја обработуваме смесата и ја поливаме. Препорачливо е пред да ја декорираме да ја ставиме за 15-тина минути на ладно - но не во замрзнувачот. Кокосовото масло има тенденција да се стврднува на пониска температура. И така филот станува цврст....

А декорацијата е со лешници, киви, какао, гоџи бери, суво грозје и кокос.

На крај, ѕидовите од тестото ги намачкав со вкусна чоколадна смеса (сироп од агаве, брашно од рогач и малку сурово какао, смелено на прав).